Копаоник – најубавата планина во Србија

Копаоник, познат како “покривот на Србија”, се наоѓа во централниот дел на земјата со мал дел во Северно Косово. На запад, Копаоник е ограничен со реката Ибар, на југоисток со реката Лаб, на север со Јошаничка река и на исток се долините на реките Јасинце и Топлице. Копаоник се протега од северозапад кон југоисток во должина од околу 75 km и широчина околу 40 km. Највисока точка на планината е Панчиќев Врх (2017 m).

kopaonik-tida-travel-4

Денешните релјефни форми на оваа планина се настанати со долгогодишни процеси на набирање, раседнување и ерозија. Во поглед на климата тука има речиси 200 сончеви денови и над 2000 сончеви часови во текот на годината и затоа Копаоник го заслужува и името “Сончева планина”. Отвореноста на теренот спречува задржување на облаците над планината, а ладниот воздух паѓа во околните рамнини и затоа во зима температурите не се премногу ниски. Просечната годишна температура, од подножјето кон највисоките делови е во опсег од 8-3 степени Целзиусови. Снегот паѓа од крајот на ноември и се задржува до мај, додека вкупните средногодишни врнежи се повисоки од 1000 mm. Во пониските делови на Копаоник застапени се пасиштата, а на повисоките, шумската покривка претставена со зимзелени и иглолисни. По страните и прекрасните падини на планината има густи букови и дабови шуми. Копаоник е место каде може да се сретне и ендемска флора, како копаоничкa чуваркуќа, панчиќева поточарка и копаоничка љубичица. Од многубројните животни најкарактеристични се сивиот сокол, златниот орел, бувот, дивата мачка и срната.

Копаоник е број еден зимски туристички центар во Србија, често посетуван и во текот на летото. Во својот највисок дел, оваа планина наликува на покрив од куќа, па така тој дел од Копаоник е познат како Рамниот Копаоник. Во просторот на Рамниот Копаоник на надморска височина од околу 1780 метри се сместени повеќе популарни туристички локалитети. Најголемите објекти за сместување, вклучувајќи голем број на хотели, апартмани, вили, одморалишта, планинарски домови се наоѓаат токму во тој дел на Копаоник и се погодни како за оние со „плиток џеб“, така и за оние кои сакаат удобност со 5 ѕвезди. Исто така постојат и помошни објекти, базени, спортски сали, кино сали, продавници, бројни ресторани и клубови. Копаоник е  планина за забава на снегот, но исто така и забава за оние на кои спортот им е приоритет.

Оддалеченоста на Копаоник од поголемите градови е следнава: од Нови Пазар 53 km, од Ниш 135 km, од Белград 277 km, додека од Скопје 300 km или околу 4-5 часа возење. Населби кои се во близина на Копаоник се: Црна Глава, Бадањ, Семетеш, Лисина, Кнежево, Брзеќе и др.
На Копаоник, во зависност од сезоната, гостите имаат пристап до разни активности, како што се параглајдерство, планинарење, пешачки обиколки, а за тие со повеќе авантуристички дух се организира планински велосипедизам. Овде е можно да се посетуваат некои од многуте образовни програми и обуки, вклучувајќи ги зимските спортови, јавањето, кошарката, тенисот и други. Постојат различни програми за деца, училишта во селата, англиски јазик, програми за слабеење и многу спортски објекти кои се идеални за подготовка на спортски екипи.
Планината Копаоник е доста атрактивна поради преубавиот пејсаж од густи зимзелени шуми (смрека и ела). Во Националниот парк живеат 91 ендемични и 82 субендемични растителни видови, што покажува дека овој простор е еден од најважните центри на биолошката разновидност и ендемизам во Србија и на Балканот. Во подножјето на планината, на неколку места се појавуваат термоминерални извори со одличен квалитет и висока температура, погодна за многу видови третмани и за бањски туризам. Исто така, постојат бројни планински извори, кои во летен период одржуваат температура од само неколку степени. Највисок од нив е изворот Крчмар кој е на височина од 1950 m, веднаш под највисокиот врв на планината – Панчиќев Врв (Врх).
Копаоник е планина во Централна Србија, со разновидно природно богатство, кое нуди одмор и релаксација за секој. Прекрасна природа, богат биодиверзитет, многу сончеви денови, термоминерални извори и чист воздух е тоа што ја прави планината поинаква од другите, ја прави така посебна што секој што еднаш ќе ја посети, сака повторно да дојде. На интенрет страницата www.booking.com може да се пронајдат многу хотели, вили и апартмани за доста поволни цени, според нашите желби, потреби и можности.

2 Прегледи

Хронологија и опис на настанот: За скопскиот земјотрес од 11.09.2016 година

Во периодот од 11 до 14 септември 2016 година, градот Скопје и неговата околина беа погодени од неколку посилни и 20-тина послаби земјотреси. Серијата земјотреси започна во недела, на 11 септември во 6 часот и 58 минути, со потрес чие жариште беше на околу 10 km североисточно од центарот на Скопје, помеѓу с.Арачиново и с.Црешово. Длабочината на земјотресот беше околу 5 km, магнитудата околу 4,1 степени, а интензитетот околу V-VI степени според ЕМС (Европска макросеизмичка скала, позната и како ЕМС-98). Поради неколку последователни слаби потреси (т.н. афтершокови), се сметаше дека тоа бил главниот удар. Сепак, во 15 часот и 10 минути, цели 8 часа по првиот земјотрес, следуваше многу посилен потрес со магнитуда од 5,2-5,3 степени или околу 15 пати поголема енергија од првиот во 6.58 часот. Жариштето на овој земјотрес беше на неколку km источно од центарот на Скопје, на длабочина од околу 10 km. Освен паника, овој потрес кој се покажа дека е главен, предизвика одредена материјална штета (распукани ѕидови, паднати предмети, рафтови, заглавени лифтови, неколку урнати оџаци и сл.), а 50-тина луѓе беа пријавени со лесни повреди. Според почувствуваноста и последиците, интензитетот беше околу VII степени според ЕМС. Освен во скопскиот регион, истиот беше почувствуван речиси на целата територија на Македонија, посебно во северниот дел, потоа на Косово и јужниот дел на Србија, блиску до границата со Македонија. По него, во следните 3 дена (12, 13 и 14 септември) следуваа поголем број на главно слаби земјотреси освен 3 со магнитуди помеѓу 3,8 и 3,1 степени, кои предизвикаа дополнителна паника меѓу населението. Последниот забележителен потрес во серијата се случи на 14.09. (среда) во 01 часот и 32 минути, со магнитуда од 3,1 степени и длабочина од само 3 km.

Она што е заедничко за наведената серија земјотреси е што произлегоа од локалното Скопско сеизмогено жариште, беа релативно плитки (3-10 km) и силно почувствувани, особено главниот од 5,3 степени. Според податоците од сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје, вака силни земјотреси (со магнитуда од околу 5,1-5,3 степени), во скопското подрачје се јавуваат просечно еднаш на 100 години. Се смета дека најсилен очекуван или случен земјотрес во Скопското сеизмогено подрачје може да достигне магнитуда до 6,5 степени, односно нешто посилна од онаа на големиот земјотрес во 1963 година (6,1 степени). Веројатноста пак за појава на земјотрес со магнитуда поголема од 6 степени е еднаш во 500 години.

macedonia-earthquake-709524

Причини за земјотресната серија:

За време и по случените „Скопски земјотреси“ од 11-14 септември, многумина се прашуваа кои се причините што ги предизвикаа. Главната причина е големата сеизмичност на Скопската котлина (депресија), но и на поголемиот дел од Република Македонија и јужниот дел на Балканскиот Полуостров, на што е укажано во оваа статија. Имено, Скопската Котлина, која активно се оформува и денес, е испресечена со повеќе раседи со напореднички, меридијански до субмеридијански-вардарски (СЗ-ЈИ) правци на протегање. Овие раседи (раседни пукнатини) одвојуваат помали и поголеми блокови на кои лежат дното на котлината, потоа планините Скопска Црна Гора, Водно, Жеден, Сува Гора и нивните одделни сегменти, басенот на Маркова Река и др. Поради разни внатрешни, но и надворешни фактори, блоковите се во состојба на „одржлива тектонска напрегнатост“. Со текот на времето, овие фактори доведуваат до критичен момент на напрегање, по што следи хоризонтално и/или вертикално поместување на еден или повеќе блокови долж раседите, до постигнување на нова состојба на „одржлива напрегнатост“. Тоа поместување на еден или повеќе блокови се случува за многу кратко време (неколку секунди), а ние го регистрираме како земјотрес. Самото поместување изнесува од неколку милиметри до неколку сантиметри, ретко и повеќе (кај многу силни земјотреси). Особено активни раседи во областа се Скопско-Ќустендилскиот расед (кој ја сече Скопската Котлина по средината во правец исток-запад), потоа Скопско-црногорскиот расед (покрај западните падини на истоимената планина во правец од с.Љубанци преку Црешево до Белимбегово), Лепенечкиот, Драчевскиот и други раседи. Повеќето од споменатите раседи се вкрстуваат во јазли, со најизразена потенцијална лабилност (нестабилност). Земјотресите од 11-14 септември се случија токму покрај раседниот јазол каде се вкрстуваат Скопско-Ќустендилскиот и Скопско-Црногорскиот расед, на длабочина од околу 5-10 km и во пречник од околу 5 km по раседните структури. Долж двата раседа доаѓа до поместување на блокот на Скопска Црна Гора вертикално и во западен правец, за што сведочат лактестите свртувања на долините на реките кои се спуштаат од планината. Споменатите и повеќето локални раседи се јасно видливи и контрасно воочливи на планинските страни, но во Скопско Поле се на поголема длабочина, покриени-замаскирани со неколку стотици метри на езерски (плиоцено-плеистоцени), речни седименти (од реката Вардар и нејзините притоки) и падински материјал од планинските страни. Значи локалните блокови во Скопската депресија се релативно лабилни и секој посилен страничен притисок (поради компресија или екстензија во овој регион на колизија на Африканската и Европската континентална плоча, како и нивните контактни суб-сегменти), води кон нивно разнишување (раздрмување) и појава на земјотрес. Порано се сметаше дека причините за „олабавување“ на блоковите и почеток на земјотрес, во Скопското подрачје се само од тектонска (ендогена) природа. Сепак, најновите истражувања во Европа и во Светот, покажуваат дека кај плитки земјотреси, при бројни релативно мали тектонски блокови, земјотресот може да биде инициран од преголема количина на врнежи (па и поплави) во претходните месеци, потоа од претерана ерозија на планинските делови и огромна депозиција на нанос на дното на депресијата, големи промени во воздушниот притисок, влијание на небесните тела, климатските промени и последиците од нив, па и од поголеми подземни нуклеарни проби (од редот на десетици и стотици килотони). Причината може да биде од локален каратер (влијание на самите блокови) или да биде пренесено во вид на верижна реакција од тектонски пореметувања во подалечни подрачја (пример во источномедитеранскиот тектонски лак). За жал, кај нас нема детални понови истражувања за можно влијание на некои од овие фактори, а со тоа, истите не може да се потврдат, но ниту да се отфрлат. Важно е да се напомене дека Скопската сеизмогена зона е силно поврзана со Гњиланската и Урошевачката (преку раседите и блоковите на СЦГ), така што постземјотресна релаксација во една сеизмогена зона, често доведува до напрегања на соседните (по што се очекува сеизмичка манифестација и во нив).

Дали беше можно да се предвидат септемвриските „Скопски земјотреси“? 

Со сегашниот степен на развојот на науката и технологијата во Светот и кај нас, речиси е невозможно прецизно временско и просторно предвидување на земјотресите, иако има интензивни истражувања во тој правец. Сепак, обично има издиференцирани сеизмички подрачја со утврден ризик и статистичка веројатност за појава на земјотрес. Со најновите сензори, моделирања, сателитски сонди и развој на нови технологии, се очекува дека за околу 30-50 години, земјотресите ќе бидат предвидливи во границите од неколку дена или часа. Сега за сега, единствена можност останува превентивата и соодветна реакција во случај на посилен земјотрес.

Колку е оправдан стравот од земјотресите во Скопското подрачје?

Паничната реакција и стравот кај населението во Скопје и пошироко од септемвриската серија земјотреси се разбирливи, посебно ако се има во предвид претходно слабата информираност за веројатноста, можниот интензитет и очекувани последици од евентуален земјотрес. Имено, појавата дури и на послаб земјотрес, населението од Скопското подрачје ја поврзува со можноста од повторување на катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Сепак, треба да се има во предвид првин слабата веројатност за такво нешто (по поминати само 50-тина години), но и значително поцврстиот (асеизмичен) начин на градба во Скопје во последните децении (употреба на армирани столбови и плочи, рам конструкции, цврсти ѕидови, фасади и др.). Во таа смисла, дури и да се повтори земјотрес со магнитуда како во 1963 година, последиците ќе бидат значително помали. Единствена загриженост можат да бидат бројните доградби и надградби на зградите и куќите (особено постарите), потоа рушење на ѕидови и столбови во зградите заради проширување и спојување на простории, градење на додавки на балконите и терасите со преадаптација во простории за живеење и др. Со наведените активности, може да се наруши статиката и асеизмичноста на објектите, како и нивната предвидена издржливост на потреси од IX степени по ЕМС. Доколку објектите се цврсто градени и стабилни, а статиката не им е нарушена, тогаш може да бидеме целосно сигурни во нив. Единствено што треба е да се оддалечиме од предмети или мебел кој при пад може да не повреди и никако да не излегуваме на балкон, лоѓија или друг „надворешен дел“ од објектот. Всушност, како што покажа земјотресот од 5,3М, многу поголема опасност може да биде паничното трчање по скалите кон излезот од објектот, користењето на лифтови, чекањето непосредно под и до објектите (можен пад на оџак, стакло или конструкции од зградата), паничното возење кон излезот од населбата, градот и сл.

Дали не очекуваат нови скорешни земјотреси?

Треба да се соочиме со фактот дека поголемиот дел на Македонија е сеизмички активен, посебно Скопското, Валандовското, Дебарското, Пехчевското, Охридско-Поградечкото и други послаби сеизмогени зони. Освен „домашните“, доста активни се и сеизмогените јазли во соседните држави, посебно Кресненското во Бугарија и Урошевачкото и Гњиланското во Косово (земјотресот од 5,1М во 2002 година, силно почувствуван во Скопје). Поретко, во Македонија може силно да се почувствуваат земјотреси и од подалечни Балкански сеизмогени зони, како што беше случај со земјотресот во 1979 година во Црна Гора, со магнитуда од 7 степени по Рихтер. Затоа, обично на интервали од по неколку години, на територијата на Македонија или соседните држави, се случуваат земјотреси над 4M кои може посилно да ги чувствуваме и да предизвикаат вознемиреност. Иако веројатноста за многу силен земјотрес (>6М) во Република Македонија е навистина мала, таа секогаш постои, а единствена и најдобра превентива е асеизмично градење, ненарушување на статиката на изградените објекти и почитување на правилата за заштита и соодветно однесување за време на земјотрес, без предизвикување или ширење на непотребна паника.

За крај:

За луѓето, земјотресите претставуваат ненадејна и застрашувачка појава, понекогаш со катастрофални последици и големи човечки загуби. Сепак, тие, заедно со вулканите се основна движечка сила во Земјината еволуција – без нив, Земјата би била геолошки (па и биолошки) „мртва“ планета. На територијата на Македонија, земјотресите (а до пред 2 милиони години и вулканите) ги оформиле планините, котлините, басените и останатите крупни релјефни структури (т.н. структурен релјеф) на кои се воодушевуваме денес. Земјотресите кои се случуваат на овие простори во последно време, само потсетуваат дека тој природен процес на обликување на релјефот сеуште трае и е доста активен. Така, серијата земјотреси од 11-14 септември, услови мали поместувања (од неколку сантиметри) на блокот на планината Скопска Црна Гора кон северозапад, со сосема мало издигање од 5-10 mm, како и слабо поместување на дното на котлината (Скопско Поле). За еден земјотрес тоа е малку, но со илјадници години и стотици силни земјотреси, релјефот на овој дел од Македонија значително ќе се измени и ќе еволуира, создавајќи нови преубави пејсажи. Всушност, да не се земјотресите, за неколку милиони години Македонија ќе добие изглед на голема и еднолична брановидна рамнина, формирана и снижена од вековната ерозија. Затоа, да гледаме на земјотресите како на нешто позитивно што на суптилен начин ја менува целата планета, а не менува и нас самите!

Извори на податоци:
Арсовски М. (1997): Тектоника на Македонија, РГФ, Штип
Arsovski M., Hadzievski D. (1970): Correlation between Neotectonics and Seismicity of Macedonia. IASPEI, Madrid, Tectonophysics.
Јанчевски Ј. (1987): Класификација на раседните структури по генеза, старост и морфологија, со осврт на нивната сеизмичност на територијата на Македонија. Докторска дисертација, РГФ, Штип.
http://www.emsc-csem.org/Earthquakе
http://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk
http://msz.iziis.ukim.edu.mk/

Автор:
д-р Ивица Милевски

1 Прегледи

Денешниот ден (четврток) потопол во однос на изминатите денови

Денес (17.11.2016) времето во Македонија ќе биде сончево и потопло во текот на денот со умерена локална облачност.

Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.

Температурата ќе се движи во интервал од  7 до 15 степени.

gfsopit00_12_5

Временската прогноза ја подготви СЛАВЧО ПОПОСКИ!

 

0 Прегледи

НАЈСТУДЕНОТО УТРО ДОСЕГА: Ова утро насекаде низ Македонија измерени негативни температури

Денешното (четврточно) утро во Македонија е најстуденото утро досега што значи ова утро насекаде низ Македонија се мерат негативни температури.

Времето насекаде во Македонија е ведро и сончево.

Погледнете ги денешните температури измерени во 06:00 часот:

Лазарополе -7°C, Крива Паланка -5°C, Берово -5°C, Ѓуриште -5°C, Скопје Петровец -3°C, Пожаране -3°C, Битола -3°C, Тетово -3°C, Штип -3°C, Виница -3°C, Тополчани -3°C, Прилеп -2°C, Претор -2°C, Струмица -2°C, Демир Капија -2°C, Гевгелија -1°C, и најтопло ова утро во Македонија е во Скопје Зајчеврид  и во Охрид каде се измерени 0°C.

333147

Подготви: СЛАВЧО ПОПОСКИ!

1 Прегледи